Од македонските сипаници до велигденскиот зајак на Трамп

МАКЕДОНИЈА - Почна вакцинацијата против морбили на терен согласно наредбата од Министерството за здравство за теренска вакцинација на сите невакцинирани деца од школска возраст.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид во близина на село Слупчане каде беше пронајдено возило кон кое биле истрелани повеќе куршуми. На увидот беше констатирано дека од близина е пукано во патничкото моторно возило во кое се наоѓале две лица, возач и неговото осумгодишно дете. Двете лица биле смртно повредени и починале на лице место, се наведува во соопштението на обвинителството.

РУСИЈА - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ќе се сретнат до крајот на месецот. Тој рече дека подготовките за состанокот се во завршна фаза, но не откри детали.

САД - Ако Анкара не се откаже од набавката на рускиот противракетен систем С-400, САД би можеле да ја пренесат својата воздухопловна база Инџирлик од Турција во Грција, изјави за  весникот Катимерини, американскиот сенатор Боб Менендез.

САУДИСКА АРАБИЈА - Во Саудиска Арабија се уапсени 13 лица под сомнение дека планирале напади во кралството, јавија светските новински агенции, повикувајќи се на информации од локалните медиуми.

БЕЛГИЈА - Брисел ќе ги отстрани сите лажни вести во текот на предизборната кампања за изборите за Европскиот парламент следниот месец, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

ФРАНЦИЈА - Активисти за човекови права и членови на Здружението на француските бездомници се собрале на протест пред опожарената катедрала Нотр Дам во Париз, барајќи најсиромашните Французи да не бидат заборавени, откако биле собрани повеќе од милијарда евра доброволни прилози за обнова на катедралата, објави новинаската агенција АП.

САД - Елон Маск, еден од најголемите иноватори на денешницата, откри дека наскоро ќе почне со работа на неговиот стартап наречен Неуралинк - реално поврзување на луѓето и компјутерите, објавија агенциите. Неуралинк е технологија, односно хардвер, кој претставува машина за подобрување на човечкиот мозок преку поврзување на мозокот со компјутер.

САД - Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја отворил традиционалната годишна Велигденска трка со јајца во Белата куќа.