СДСМ „Пендаровски победи”, ВМРО-ДПМНЕ „Сиљановска доби мнозинска поддршка”

Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова на централните митинзи

По вчерашните претседателски избори денеска СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за “победа” или за добиена “мнозинска поддршка”. Владејачката партија во соопштение наведува дека “победата на Пендаровски во првиот круг најавува уште поголема поддршка од граѓаните за концептот Заедно напред во вториот круг”.

“Во вториот круг, граѓаните уште посилно ќе го поддржат напредокот, ќе го поддржат концептот кој води кон НАТО и ЕУ. Уште повеќе граѓани ќе се приклучат кон победата на Пендаровски”, пишуваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, наведуваат дека Гордана Сиљановска Давкова ја добила мнозинската поддршка од граѓаните.

“Гордана Сиљановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ победија над 30-тина партии кои застанаа со СДСМ и Стево Пендаровски. Македонија победи. Стравот е поразен. За целосна победа и делегитимирање на оваа власт е потребна победа во вториот круг”, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според првичните резултати објавени на веб страницата на ДИК од обработени 99,57 отсто од гласовите, води претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски со 42,83 отсто, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Сиљановска Давкова со 42,25 отсто, а трет е кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река со освоени 10,58 отсто од гласовите.