Јанакиески повикан на распит во обвинителство за „крвавиот четврток“

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска е повикан на распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал како осомничен за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Тој е осомничен дека заедно со дел од раководството на ВМРО ДПМНЕ ги диригирале настаните во Парламентот.

Меѓу осомничените се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер Спиро Ристовски, поранешниот спикер Трајко Вељановски и поранешниот началник во УБК Никола Бошковски. Пред Јанакиевски, на распит во Обвинителството беше повикан и Вељановски.

На Јанакиески му е одреден куќен притвор поради, како што велат од Обвинителството во барањето до Судот, опасност од бегство и влијание врз истрагата.Обвинителството на почетокот на годинава отвори истрага против пет лица кои се сомничат дека се организатори на упадот.

Јавната обвинителка Вилма Русковска неодамна изјави дека очекува дека до крајот мај да биде подигнато обвинението за организаторите на насилството во Собранието на 27 април 2017 година. Таа додаде дека добар дел од сведоците ги сослушала и дека оваа недела тече распитот на обвинетите.