Цензус, кусогледи, највлијателни...

МАКЕДОНИЈА - Ако на претстојните претседателски избори не се постигне потребниот цензус за избор на шеф на државата постојат две можности вели министерката за правда Рената Дескоска. Првата е претседателот на државата да се избира непосредно од граѓаните без потребно мнозинство во вториот круг, додека втората опција е тој да се избира во Собранието.

МАКЕДОНИЈА - Одложено е судското рочиште за предметот Монструм поради службено отсуство на судијата Огнен Ставрев. На следното рочиште кое е закажано за 6 мај е предвидено сослушување на сведоци.

БЕЛГИЈА / МАКЕДОНИЈА / АЛБАНИЈА - Еврокомесарот за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини очекува Северна Македонија и Албанија во јуни да ги почнат преговорите за членство во Унијата. Таа во своето обраќање пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, посочи дека би била голема стратешка грешка и пример за кратковидност на ЕУ доколку не донесе одлука за покренување на пристапни преговори со Скопје и Тирана во јуни.

САД / МАКЕДОНИЈА - Во сојузниот суд во Бруклин, македонскиот државјанин Џеваир Аметовски е осуден на 90 месеци затвор, откако претходно се изјасни за виновен за кражби на идентитет. Овие злосторства биле поврзани со работата на Аметовски на Codeshop, веб-сајт кој тој го создаде со единствена цел да продава украдени податоци за кредитни и дебитни картички, акредитиви за банкарски сметки и лични информации за идентификација.

ГРЦИЈА - Со слогани Време е неонацистите да одат в затвор и Да се осудат убијците неонацисти од Златна зора, организации и здруженија за борба против расизмот, синдикати на вработени, меѓу кои и синдикатот на вработените во јавниот сектор, одржаа протест пред Апелацискиот суд и Обвинителството во Атина по повод 4-годишнината од почетокот на судењето на Златна зора.

ПАКИСТАН - Најмалку 14 луѓе патници загинале откако вооружени напаѓачи отвориле оган врз автобусот кој се движел кон југозападен Пакистан. Полицијата соопшти дека вооружените напаѓачи по краткиот оган кој го отвориле кон автобусот, ги натерале патниците да се симнат од автобусот и селективно убивале патници.

СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека Србија направила се за да дојде до компромис со косовските Албанци, но оти му се чини дека сите во Србија, регионот, Европа и во светот ја погребале шансата за каков било договор.

РУСИЈА / САД - РУСИЈА / САД - Советничката на американскиот претседател Доналд Трамп, Фиона Хил беше во Москва на средба со неколку руски официјални лица меѓу кои и помошникот во Кремљ Јури Ушаков, изјави портпаролот на Кремљ Дмитри Песков. Тој изјави дека Хил со руските претставници разговарале за билатерални прашања, но не разговарале за потенцијалниот состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Трамп. Оваа информација доаѓа во период кога се очекува објавувањето на конечниот извештај од американското Министерство за правда на специјалниот советник Роберт Мулер за истрагата за руското мешање во американските претседателски избори.

ПОРТУГАЛИЈА - Најмалку 28 луѓе загинале во автобуска несреќа на португалскиот остров Мадеира, соопштија локалните власти. Локалните медиуми јавија дека автобусот кој превезувал над 50 патници свртел од патот и се превртел. Повеќето од жртвите биле германски туристи.

САД - Пејачката Тејлор Свифт, телевизиската новинарка Гејл Кинг и фудбалската ѕвезда Мухамед Салах се меѓу шесте познати највлијателни луѓе според американскиот магазин Тајм, кој го објави годишниот список од 100 највлијателни луѓе во светот. На списокот се наоѓаат и американскиот претседател Доналд Трамп и специјалниот обвинител Роберт Мулер кој ја водеше истрагата за можната вмешаност на Русија во американските претседателски избори.