Пахор:Прием на Западен Балкан во ЕУ за сочувување на границите

Претседателот на Словенија, Борут Пахор денеска изјави дека ќе се потруди во процесот „Брдо-Бриони” да биде усвоена декларација со која ќе се апелира на ЕУ и Европската комисија, процесот на проширување на Западен Балкан да го гледаат како геополитичко прашање што ќе донесе безбедност во тој дел од Европа. Тој во неговото обраќање на бизнис форум во Сараево изрази загриженост дека одложувањето на процесот на проширување ќе го загрози целиот процес на европска интеграција и безбедност.

„На земјите од Западен Балкан останува да го забрзаат процесот на реформи, а не да ја чекаат Европската унија. Но, во исто време навистина сакам Унијата да биде во можност да постигне консензус по прашањето за процесот на проширување, изјави Пахор.

Тој смета дека во спротивното „ќе се појават старите националистички сили”, кои, како што вели, ќе се обидат да ги менуваат границите по етнички принцип, што, според него, ќе ја загрози безбедноста на цела Европа.