Црни вреќи од МВР, бриселска вечера за Лукашенко, пожар во Нотр Дам...

ФРАНЦИЈА - Пожар избувна во катедралата Нотр Дам во центарот на Париз, соопштија градските власти. Сликите објавени на социјалните медиуми покажуваат пламени и облаци од чад над покривот на средновековната катедрала, која е воедно најпосетениот историски споменик во Европа.

МАКЕДОНИЈА - Црни вреќи полни со документи и регистри од третата зграда во МВР биле запалени на локацијата Брест која се наоѓа на аеродромот Скопје во воениот дел, рече на последното рочиште за Тврдина 2 сведокот Мирче Мицевски, вработен во МВР, кој по наредба на неговиот претпоставен Никола Бошковски, со уште еден колега наполнил цело комбе со материјали од подрумот на оперативна техника во МВР. Тврдина 2 се однесува на уништување службена документација поврзана со незаконското прислушување.

МАКЕДОНИЈА - Вооружени напаѓачи ја ограбиле експозитурата на НЛБ Банка во скопската населба Чаир. При грабежот бил нападнат и повреден 26 годишен маж вработен во банката како обезбедување. Според информациите од МВР при текот на грабежот имало пукање од огнено оружје, но нема ранети.

МАКЕДОНИЈА - Нема да им се забранува на потрошувачите од системот за топлинска енергија да се исклучат, но ќе треба да покажат дека обезбедиле поефикасен начин на греење за разлика од топлинската енергија, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.

СРБИЈА / УНГАРИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан оценија дека односите меѓу двете земји се на највисоко ниво во историјата и оти се засновани врз меѓусебно разбирање и доверба.

ИРАН - Врховен лидер на Иран ајатолахот Али Хаменеи одобри прераспределба на 2 милијарди долари од Националниот фонд за развој на земјата, за помош и реконструкција по катастрофалните поплави. Владата соопшти дека поплавите предизвикале штета на патишта, мостови, домови и обработливо земјиште во вредност од околу 2,5 милијарди долари.

БЕЛОРУСИЈА / БЕЛГИЈА - Белорускиот претседател Александар Лукашенко е поканет на вечера чиј домаќин е претседателот на Европскиот совет Доналд Туск за прослава на десетгодишнината од Источното партнерство во Брисел. Според неколку извори на Радио Слободна Европа од Брисел, на прославата покрај Лукашенко поканети се и лидерите на Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија и Украина. Овој самит под покровителство на ЕУ ќе биде првиот на вака високо ниво на кое е поканет Лукашенко, откако на претходните четири самити беше исклучен.

ПАКИСТАН - Тимот на Меѓународниот монетарен фонд кон крајот на месецов ќе отпатува во Пакистан за да ги продолжи преговорите околу пакетот поддршка со цел да го извлечат регионот од економска криза.