Пробен лет на авионот со најголем распон на крилата во светот

Американската компанија Стратолонч денеска објави дека го извела првиот пробен лет на најголемиот авион на светот по распонот на крила над калифорниската пустина.

Чудното двотрупно летало, кое го произведе компанијата „Скејлд композајтс“ има шест мотори од Боинг 747.

Авионот на Стратолонч полета вчера од пустината Мохаве во Калифорнија и леташе 2,5 часа, соопшти денеска компанијата.

Неговиот распон на крилата е 117 метри, додека на пример Ербас А380 има распон од помалку од 80 метри. Максималната брзина за време на летот била 304 километри на час, а авионот се искачил до висина од 5182 метри.

Авионот би требало да служи за да понесе во висина мала ракета, која потоа би го запалила моторот во вселената за да постави сателити во орбитата.

Компанијата Стратолонч ја финансираше коосновачот на Мајкрософт, Пол Ален, со цел да стане нов учесник на пазарот на лансирање мали сателити. Иднината на компанијата сепак е неизвесна по смртта на Ален од октомври 2018.

Стратолонч го опишува својот авион како најголем на светот, но постојат авиони кои се подолги од нивниот.