ЗНМ: ВМРО-ДПМНЕ да се извини за етикетирањето медиуми

Здружението на новинарите на Македонија реагира на говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Крушево и смета дека е непримерно и недолично за еден лидер на политичка партија да етикетира медиуми.

„Мицкоски за време на митингот во Крушево, кажа дека СДСМ ги вклучило своите скапо платени главни уредници и медиуми да лиферуваат анкети. Настапот на Мицкоски коинцидираше со објавата на анкетата на ТВ Телма. Ваквите јавни настапи на политичарите се неприфатливи и претставуваат директна закана кон работата и уредничката независност на медиумите и служат да го дискредитираат начинот на кој тие работат“, соопшти ЗНМ.

Здружението го повикува раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ да се извини на телевизијата и во иднина да се погрижи да не се етикетираат ниту медиумите, ниту новинарите, бидејќи, како што посочува во реакцијата, тоа може само да ја влоши состојбата на слободата на изразувањето во државата, а таквиот наратив може да поттикне напади врз новинарите, снимателите и фоторепортерите кои работат на терен.

Здружението потсетува дека ако некој има забелешки за начинот на кој известуваат медиумите, можат да поднесат претставки до медиумските саморегулативни тела.