Најмалку 121 загинати во борбите во Либија

Војници на самопрогласената Либиска национална војска на командантот Калифа Хафтар

Најмалку 121 луѓе се убиени, а 561 се ранети од 4 април кога почна офанзивата на либискиот командант Калифа Хафтар кон Триполи, главниот град на Либија, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Канцеларијата на СЗО во Либија исто така ги осуди повторните напади врз болничкиот персонал и возилата на Брза помош во Триполи. Не се наведува колку од жртвите се цивили.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања соопшти дека поради борбите биле раселени 13500 луѓе, од кои 900 се сместени во прифатни центри.

Во жестоките борби јужно од Триполи од 4 април се судираат силите на Владата на национално единство, која е призната од меѓународната заедница, и силите на командантот Хафтар.

Самопрогласената Либиска национална војска на Хафтар, која го држи истокот на Либија, тргна во офанзива да го заземе главниот град Триполи, каде што е седиштето на меѓународно признатата влада.

Освен копнените борби, двете страни секојдневно изведуваат и воздушни напади и меѓусебно се обвинуваат дека напаѓаат цивилни цели.