Брнс: Целосно спроведување на Договорот од Преспа клучен за регионот

Новата амбасадорка на САД во Скопје, Кејт Брнс.

Преку Преспанскиот договор, политичките лидери на Северна Македонија и Грција ги надминаа тешките историски прашања, фокусирајќи се на иднината и напредокот, а Северна Македонија е на својот пат кон ЕУ и НАТО, изјави пред Комитетот за надворешна политика на американскиот Сенат новоименуваната амбасадорка на САД во Скопје, Кејт Брнс. Таа изјави дека целосното спроведување на Договорот од Преспа е клучен за регионот.

„Надворешните актери со лоша намера работат против овој прогрес за да ја поткопаат земјата и довербата што ја имаат граѓаните на Северна Македонија за нивната иднина“, истакна Брнс.

Образложувајќи ги планираните активности како амбасадор во земјава, Брнс во изјавата истакна дека ќе се фокусира на три приоритети, стабилност преку силни институции, зголемување на безбедноста преку партнерство и негување на просперитет преку позитивно влијание.

Кејт Брнс е дипломат веќе 26 години. Како амбасадор во земјава доаѓа по нејзината функција заменик шеф на мисијата на САД во Атина. Претходно беше постојан претставник на Мисијата на САД на ОБСЕ во Виена. Досегашниот американски амбасадор Џес Бејли од функцијата си замина во февруари годинава.