Расте бројот на загинати во експлозијата во кинеската фабрика за хемикалии

Бројот на загинати во експлозијата во хемиската фабрика во кинескиот град Јангченг, во провинцијата Џангсу во источниот дел на Кина, се искачи на 64, додека 28 лица и натаму се водат како исчезнати, објавија светските новински агенции.

„До 7 часот бројот на загинати во експлозијата во хемиската фабрика во провинцијата Џангсу се искачи на 64, од кои 26 се веќе идентификувани“, соопшти претставник на кинеските власти.

Според него, по експлозијата во 16 болници во регионот биле примени вкупно 617 повредени лица, од кои 523 минале со полесни повреди и по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување, додека 143 биле задржани на болничко лекување. Дел од нив подоцна им подлегнале на повредите, 21 се уште се во „критична состојба“, а 73 се во „тешка состојба“. Причините за експлозијата во фабриката „Тјанџаји Хемикал Продакшен“ се уште не се познати. По експлозијата беа евакуирани околу 3.000 вработени во фабриката и околу 1.000 локални жители.