ЕУ фокусирана на зајакнување на владеењето на правото во Западен Балкан

Архивска фотографија- еврокомесарот за проширување Јоханес Хан

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини денеска оценија дека ЕУ е фокусирана и ангажирана на зајакнување на владеењето на правото и демократијата во земјите од Западен Балкан.

Изјавите на двајцата високи претставници на ЕУ претставуваат реакција на тврдењето на некои албански медиуми дека Брисел го толерира назадувањето во владеењето на правото и почитувањето на принципите на демократијата во земјите од Западен Балкан, во интерес на стабилноста на регионот.

“Ќе сторам се за да го одбранам правото на изразување и на протестирање и искажувањето на загриженост и на поинакви ставови, но ја осудувам секоја форма на насилство”, порача Хан.

Тој нагласи дека ЕУ го поддржува зајакнувањето на демократијата на Западниот Балкан, првенствено преку јакнење на демократските структури и стабилноста, но дека Унијата не е судија што треба да решава „кој е добар, а кој не“.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Могерини изјави дека не е загрижена поради обвинувањата дека Брисел не реагира на кршењето на принципите на владеење на правото во земјите од Западен Балкан.