Македонска апелација, турска рецесија, украинска корупција...

МАКЕДОНИЈА - Бизнисменот Сеад Кочан доби казна затвор од 4 години и осум месеци, а Василије Авировиќ наместо ефективен затвор доби условна казна. Кривичниот совет судии на Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд за предметот на специјалното јавно обвинителство со кодно име Труст. Казната на Кочан ја намали од 6 на 4,5 години, а на Авировиќ од три години, во условна казна.

МАКЕДОНИЈА - Претставници на граѓански организации, здруженија и платформи со протест пред Собранието побараа законот за заштита и спречување на дискриминација итно да биде донесен.

МАКЕДОНИЈА - Со повеќе активности во Скопје се одбележаа 76 години од депортацијата на македонските Евреи. Одбележувањето беше во организација на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот.

МАКЕДОНИЈА - Етиопската национална телевизија објави дека е пронајдена црната кутија на авионот боинг 777 мaкс, кој се урна шест минути по полетувањето од Адис Абеба. Во авионот на Етиопијан ерлајнс на летот од Адис Абеба кон Најроби имало 157 луѓе, 149 патници и осум членови на екипажот. Во несреќата никој не преживеа, а во авионот имало патници од најмалку 33 земји.

УКРАИНА - Шефицата на групата Баткивск во украинскиот Врховен Совет, Јулија Тимошенко го повика сегашниот украински претседател Петро Порошенко да се повлече од претседателската трка, обвинувајќи го за корупција и перење пари во секторот за одбрана.

ТУРЦИЈА - Турската економија влезе во рецесија за првпат од 2009 година, објавија властите на само три недели пред владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган да се соочи со локалните избори, каде што растот и инфлацијата ќе бидат клучни прашања за гласачите. Економското производство е намалено за 2,4 проценти во последните три месеци од годината во споредба со третиот квартал, соопшти турскиот Институт за статистика.

САД - Компанијата Боинг ја откажа церемонијата за презентација на новиот авион 777X закажана за во Сиетл, поради несреќата во Етиопија во која, втор пат за пет месеци, падна авион на компанијата од моделот 737 MAX 9.