Хан најави дека извештаите на ЕК ќе бидат подоцна објавени

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан денеска изјави дека извештаите за напредокот на земјите од Западниот Балкан нема да бидат објавени наредниот месец поради европските избори. Тој одговарајќи на новинарско прашање за време на прес конференцијата со Милорад Додик истакна дека целта е извештаите да бидат “темелно дискутирани“.

„Во тој поглед се обидуваме да ги отстраниме сите можни пречки што би можеле да ја отежна објективната, неутралната дебата, да не биде засегната од ЕУ изборите. Размислуваме да биде подоцна од вообичаено за да овозможиме дебата за различните исходи за проширувањето, дебата базирана на факти“, изјави Хан.

Според него, извештаите ќе бидат објавени најрано во јуни или најдоцна до 2 јули за кога е закажана инаугурацијата на новиот Европски Парламент.