Бејли си оди, Груевски се јави, Лукашенко го брани Путин, Ким го негира Трамп...

МАКЕДОНИИЈА - Американскиот амбасадор Џес Бејли на заминување од функцијата преку Твитер се заблагодари за гостопримството. Благодарам Северна Македонија за вашето гостопримство, пријателство и љубезност. До следно видување, се гледаме!, напиша Бејли на Твитер Тој беше амбасадор во земјата од 2014 и по заминувањето од Скопје, Бејли објави дека ќе се пензионира од работата во Стејт департментот по 34 години работен стаж. На местото на Бејли американскиотпретседател Доналд Трамп ја номинираше Кејт Мери Бирнс. Таа во Скопје доаѓа од позицијата заменик-шеф на мисија во амбасадата на САД во Грција.

МАКЕДОНИЈА / УНГАРИЈА - Осудениот поранешен премиер Никола Груевски, кој избега од државата, во интервју за италијанската национална телевизија РАИ вели дека пред да избега писмено побарал помош од челниците од ЕУ и од други европски функционери да испратат пензиониран судија кој ќе ги прочита документите според кои го обвинуваат во делото за набавка на мерцедес за кое е и осуден. Но, како што вели, не добил одговор на неговото барање.

МАКЕДОНИЈА - Мајка и татко нема да прераснат во родител А и родител Б. Не се брише семејството со предлог-законот за заштита од дискриминација, реагира Министерството за труд и социјална политика. Преку соопштение, Министерството вели дека ги демантира дезинформациите и лажни вести кои ги изнесе ВМРО–ДПМНЕ дека со предлог законот се брише семејството и термините мајка и татко.

МАКЕДОНИЈА - Делегација на Европскиот парламент го оценува напредокот на земјата во европските реформи, како и подготвеноста за можни пристапни преговори. Шефот на делегацијата ги пофали досегашните резултати и порача дека спроведувањето на реформите е најважно за одлуката на Европскиот совет во јуни.

АВСТРИЈА - По успехот со решавање на спорот со Грција, Австрија се надева дека годинава Северна Македонија ќе ги започне преговорите со Европската Унија, изјавил австрискиот канцелар Себастијан Курц на средбата со премиерот Зоран Заев во Виена.

БУГАРИЈА - НАТО треба да се подготвува за свет со повеќе руски ракети, иако Алијансата се обидува да го спаси нуклеарниот договор од 1987 година и да спречи нова трка во нуклеарно наоружување, рекол генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по разговорите со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија.

белорусија - Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко вели дека Русија нема намера да ја проголта Белорусија, но додава дека мора да има понатамошна интеграција меѓу двете земји. Тој на прес-конференција изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема намера да ја приклучи Белорусија кон Русија. Лукашенко изјави дека 98 отсто од Белорусите би гласале против тоа да станат дел од Русија.

СЕВЕРНА КОРЕЈА / САД - Северна Кореја ги оспори наводите на американскиот претседател Доналд Трамп за причините за неуспехот на самитот во Ханој. Шефот на севернокорејската дипломатија Ри Џонг Хо изјави дека Пјонгјанг барал само делумно укинување на санкциите во замена за затворање на главната нуклеарна постројка во земјата и оти разговорите пропаднале откако САД побарале дополнителни чекори кон разоружување. Претходно Трамп на новинарите им рече дека Северна Кореја барала целосно укинување на санкциите за да ја затвори постројката во Јонгбјон.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е невин откако изарелскиот јавен обвинител најави дека ќе го обвини за корупција. Една работа е јасна. Постои јасен закон за сите други и друг закон за Нетанјаху, рече тој во обраќањето, пренесувано од резиденцијата во Ерусалим.