Пакистан соборил два индиски авиона

Кашмир

Пакистанските власти соопштија дека собориле два индиски авиона над спорниот регион Кашмир и оти заробиле еден пилот. Пакистанската војска соопшти дека воздушните сили ги урнале воените авиони откако ја преминале линијата на контрола која служи како де факто граница во Кашмир. Пакистанската полиција пак соопшти дека денеска индиски војници стрелале со минофрлачки гранати, при што загинале шест цивили. Настаните доаѓаат еден ден откако индиските воени авиони спроведоа воздушен напад во североисточниот Пакистан, врз, како што е наведено, камп за обука на милитанти. Тензиите меѓу Исламабад и Њу Делхи растат по самоубиствениот напад на 14 февруари во кој загинаа најмалку 40 војници во делот од Кашмир контролиран од Индија.