Мицевски бара да не се гласа за одземање на имунитетот на Вељаноски

Former Speaker of the Parliament Trajko Veljanoski to the Parliamentary Committee on Mandate Immunity Issues

Пред почетокот на расправата за имунитетот на пратеникот и поранешен претседател Трајко Вељаноски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара од пратениците од владејачкото мнозинство да ја тргнат од дневен ред точката. Откако со 61 гласа „против“ се изјаснија од владејачкото мнозинство стартуваше и расправата која доцнеше половина час.

„Очигледно одлуката за одземање на имунитетот на Вељаноски е донесена на друго место,а тука треба да се изврши егзекуцијата. Сето онашто го зборувавме два дена на самата комисија и за кое што не донесовме одлука на самата комисија, не беше доволно за вас. Продолжувате со темата за која сами рековте дека треба што побргу да се заборави, а формиравте и тело за помирување, ама како што гледам нема да има помирување, изјави од собраниската говорница Мицевски.

На пленарната седница отсуствуваат голем дел од опозициските пратеници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, по цел ден размислување, ја закажа седницата за денеска во 21 часот. Станува збор собраниска седница на која пратениците ќе одлучуваат за барањето од Основниот суд Скопје 1 за одредување мерка притвор односно одземање на пратеничкиот мандат. Одлуката за закажувањето на седницата следи по целодневни консултации за собраниските правила околу тоа дали треба да се разгледува барањето кога претходно на гласањето по ова прашање во Комисијата за мандатно- имунитетни прашања заврши нерешено.

Според извештајот кој беше доставен до претседателот на Парламентот е наведено дека по дводневна дебата со 4 гласа „ за“ и 4 гласа „против“ Комисијата не зазеде став по барањето за одобрување на притвор за пратеникот Трајко Вељаноски.

Вељаноски заедно со поранешните министрите, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка притвор. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека се работи за политички прогон.