МОН ги одзема ингеренциите на Таравари во образованието

Архивска фотографија- градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари

Министерството за образование преку соопштение објавено денеска реагира на изјавите на градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари поврзани со одзнемањето на ингеренциите за образованието во тој град. Од министерството наведуваат дека градоначалникот на Гостивар “обврската за појаснување на неговите дејствија и активности спротивно на законот и процедурите ја заменува со дезинформации, шпекулации и со скандалозна злоупотреба на последните трагични настани”.

“Вистината е во тоа дека по извршените инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за образование во општина Гостивар, беа констатирани идентични неправилности, за кои еднаш на Општина Гостивар и беа одземени надлежности во областа на образованието. Поради оваа причина, МОН е должна да ги преземе сите неопходни мерки коишто ги налага законот, во насока на привремено одземање на надлежностите на Општина Гостивар за именување и разрешување на директори на општински средни и основни училишта”, тврдат од МОН.

Вчера Таравари на својот официјален Фејсбук профил напиша дека таа одлука дошла од централната власт, односно од партиите ДУИ и СДСМ.

“Морам да истакнам дека од страна на нашата општина и покрај лошите услови нема никаква повреда која води кон ваква флагрантна одлука.По погребните обреди, едвај неколку дена по смртта на 15 лица како последица на сообраќајна несреќа, владата не се занимава со итна истрага на случајот, туку му задава уште еден удар на Гостивар”, наведува Таравари.