Саливан му честита на Катругалос за Договорот од Преспа

Архивска фотографија- американскиот заменик државен секретар Џон Саливан

Американскиот заменик државен секретар Џон Саливан вчера телефонски разговарал со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, јави грчката агенција АНА-МПА повикувајќи се на соопштение на Стејт Департментот.

Во него се наведува дека Саливан ги нагласил економските и геополитички придобивки за Грција од Договорот од Преспа. Oд грчкото министерство за надворешни работи, пак, соопштија дека Катругалос го информирал Саливен за претстојниот трилатерален самит Грција – Кипар – Израел, но и за неговото учество на следниот НАТО Самит на 3 и 4 април во Вашингтон.

“Саливен му честиташе на Катругалос за преземањето на новата должност и го изрази задоволството на САД за финализирањето на Договорот од Преспа и ратификацијата на Протоколот за приeм на Република Северна Македонија во НАТО. Катругалос ја истакна улогата на Грција, во соработка со Кипар, како столб на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и Југоисточниот Медитеран”, соопштуваат од грчкото МНР.

Заменикот државен секретар на САД Џон Саливан, вчера телефонски разговараше и со премиерот Зоран Заев.