Гаши: претседателски кандидат кој ќе биде прифатлив за сите граѓани

Африм Гаши.

Лидерот на „Алтернатива“ Африм Гаши изјави дека денеска имале плодна средба со премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев, на која главна тема била претседателските избори и обидот да се најде заеднички кандидат кој би бил прифатлив за сите граѓани. Гаши рече дека ја поздравиле иницијативата и оти прв пат во државата се случувало да се избере претседател и да се направи обид тој да биде прифатлив за сите граѓани.

„Самиот обид што се креира за доаѓање до овој амбиент мислам дека
е за поздравување и ние како „Алтернатива“, политички субјект и партнер во Владата, сакаме да придонесеме во овој процес и заеднички да дојдеме до тој кандидат“, рече Гаши.

Тој истакна дека во оваа фаза размислуваат само за параметрите, принципите и критериумите кои би требало да се анализираат за да се дојде до тој кандидат. Гаши смета дека во следните денови ќе треба заеднички да дојдат до тој кандидат.

Во меѓувреме и лидерот на ДПА Мендух Тачи по средбата со Заев изјави дека за ДПА прифатлив кандидат за претседател би бил доколку доаѓа од Владата со цел, како што рече, да се нормализира состојбата во државата. Тачи рече дека на маса биле неколку предлози, но оти е рано да се зборува за конкретен предлог.