Министерот за безбедност на БиХ: 70 илјади мигранти се движат кон земјите на ЕУ

Архива: центарот за мигранти и бегалци во БиХ.

Речиси 70 илјади мигранти се наоѓаат во Грција и се движат кон земјите на ЕУ, изјави министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ, нагласувајќи дека тоа предизвикува загриженост за земјата, бидејќи според него постои можност голем број од мигрантите на патот кон ЕУ да ја одберат балканската рута.

Мектиќ вели дека загриженост претставува дневниот прилив на мигранти од Турција и Грција, кој како што вели е близу 300 лица дневно, но и можноста за тргување на мигрантите.

Мектиќ на денешна прес-конференција зборуваше за проблемот со мигрантите кои се наоѓаат во северозападниот дел на БиХ, од каде се надеваат дека ќе успеат илегално да преминат во Хрватска. Тој рече дека дел од овие мигранти оваа недела ќе ги вратат во Сараево и оти меѓу мигрантите сместени во прифатните центри биле идентификувани шест лица кои на одреден начин биле поврзани со тероризам и некои терористички активности.