Нема влошување на здравствената состојба на некои од повредените во „8 Септември“

Архивска фотографија- Градска општа болница 8-ми Септември Скопје

Нема влошување на состојбата од витално живото загрозувачки карактер на некои од повредените во завчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кои се сместени во Градската општа болница „8 Септември“, изјави попладнево директорот на таа јавна здравствена установа Христијан Костов.

Посочи дека двајцата повредени кои се во критична состојба се мажи на возраст од 40 до 50 години и имаат повреди на мозокот, интрацеребрални крварења и се под контрола на неврохирург.

“Засега се во стабилна состојба. Како ќе се развива клиничката слика не знаеме, ќе покаже времето. Најмладиот пациент на возраст од 15 години е опериран синоќа и е во добра состојба”, истакна д-р Костов.

Потенцира дека од 28 згрижени пациенти во ГОБ „8 Септември“, шест денеска се пуштени на домашно лекување.

“Од другите 22 пациенти пет се во Одделот за интензивно лекување, двајцата кои се во критична состојба се на механичка вентилација, а другите тројца се оперирани и се во добра општа состојба. Кај дел од останатите 17 пациенти кои се по другите оддели се прават допонителни иследувања, а кај некои од нив со скршеници ќе им се направи интервенција. Тројца кои се оперирани на стомачната шуплина се во стабилна општа состојба”, рече д-р Костов.