Политика, несреќи, бомби и ордени...

МАКЕДОНИЈА - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека за говорот на омраза на социјалните мрежи во врска со автобуската несреќа кај Ласкарци и Карпалак Министерството за внатрешни работи покренало пет постапки.

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг очекува државава во наредниот период да продолжи со реформите и се надева дека, по Грција, и останатите сојузници ќе го ратификуваат пристапниот протокол.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп планира да прогласи национална вонредна состојба со цел да биде финансиран неговиот контроверзен ѕид меѓу Соединетите држави и Мексико. Ваквиот потег ги вознемири американските законодавци кои во меѓувреме усвоија закон со кој се спречува делумното затворање на владата.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот телевизиски канал Скај њуз идентификуваше трет осомничен за минатогодишното труење на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери, пренесува РТ. И тој бил припадник на руското воено разузнавање ГРУ.

русија - Серијата анонимни бомбашки закани во десетина институции во Москва доведе до неколку евакуации, иако не биле пронајдени експлозиви, објавија руските власти.

БЕЛГИЈА - Шефот на Бриселската служба за контраразузнавање Климент Ванденбор е притворен кон крајот на јануари порадисомневања дека соработувал со Русија, пишува белгискиот весник Де Морген. Тој, меѓу другото, е осомничен за оддавање тајни информации на српската страна. Според информациите на Де Морген за време на операцијата во 2016 година, негов контакт била жена од Србија, за која се сомневаат дека е двоен руски агент.

ШПАНИЈА - Шпанскиот премиер Педро Санчез распиша предвремени избори, кои треба да се одржат на 28 април. Веста за прогласувањето на изборите ја потврдила министерката во Владата, Марија Хесус Монтеро, пренесуваат шпанските медиуми.

БУГАРИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ на бугарскиот премиер Бојко Борисов му го врачи Орденот на Република Србија по повод Денот на државноста – 15 февруари.