Од Карпалак до Брегзит, од Венецуела до Кашмир...

МАКЕДОНИЈА / РУСИЈА - По повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија, рускиот амабасадор Сергеј Бездникин изјави дека потенцијалот на руско-македонската соработка е огромен.

МАКЕДОНИЈА - Бројот на загинати од сообраќајната несреќа се искачи на 14, седуммина од повредените се во критична состојба. Телеграми со сочувство пристигнаа од соседните земји.

САД / ПОЛСКА - Американскиот државен секретар Мајк Помпео на конференција во Варшава, го означи Иран како главна закана за Блискиот Исток, велејќи дека спротивставувањето на оваа земја е клуч за постигнување на мир во целиот регион.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Повеќе од 40 поранешни британски амбасадори ја повикаа премиерката, Тереза Меј да го продолжи рокот за излез на Велика Британија од Европската Унија.

ХОЛАНДИЈА - Европскиот производител на авиони Ербас соопшти дека во 2021 година ќе престане да го произведува супер-џамбо авионот А380 поради недостаток на клиенти.

ИНДИЈА - Најмалку 18 војници загинале, а 20 биле повредени во експлозија која погодила воен конвој на главниот пат во индискиот дел на Кашмир. Полициските и воените власти соопштија дека експлозијата се случила во Пампора во предградие на Сринагар, главниот град на областа околу која спорат Индија и Пакистан.

ВЕНЕЦУЕЛА - Оспорениот претседател на Венецуела, Николас Мадуро му се закани на лидерот на опозицијата, Хуан Гуаидо, порачувајќи му дека порано или подоцна тој ќе одговара пред судот, бидејќи го прекршил уставот со тоа што се прогласил за шеф на државата.

ПАКИСТАН - Талибанците најавија дека на покана од пакистанската влада во Истанбул ќе биде организиран состанок со претставници на Соединетите држави во рамките на преговорите за мир во Авганистан.