Во УБК прислушувањето беше поделено по професии,сведочи Костовски

Илустративна фотографија. Обвинителите на СЈО пред Суд на рочиште за случајот за незаконско следење на комуникациите во УБК „Таргет-Тврдина“

На денешното судење за предметот на СЈО – „Таргет-Тврдина“ сведочеше вториот сведок на Обвинителството, Звонко Костовски, инженерот во УБК, кој ги извади прислушуваните материјали од МВР.

Тој рече дека надвор од судските наредби биле ставани за следење броеви групирани во таргетие по професии: новинари, политичари, бизнимсмени…

Костовски рече дека „на маркирачот на телефонските броеви му се дава ливче со број, псведоним и име на таргетот за следење“. Сведокот рече дека по барање на ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујевски, наместо во корисничките имиња да стојат дел од иницијалите на репродуцирачите на материјалите, во системот „Најс“, кој го наследил стариот систем „Вернит“, стоеле имиња што никако не се поврзани со лицата што ги обработувале материјалите.

Кога бил преминот од стариот на новиот систем за следење на комуникациите, Горан Грујевски му наредил на Костовски да ги извади старите дискови од системот за следење на комуникациите и да ги уништи. „Извади ги дисковите и донеси ми ги да ги уништиме. Кажи му на човекот што е во контролата на снимање да ги исклучи камерите…“, му рекол Грујевски на Костовски. Тој рече дека со тоа не се согласил и побарал да биде формирана комисија.

Прв во постапката сведочеше Ѓорѓи Лазаревски. Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои избегаа во Грција, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Според обвинението на СЈО, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броја. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.