Косовскиот врв на итен состанок за такстата за српски производи

Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели ги повика денеска на итен состанок претседателот на државата Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај и вицепремиерот Фатмир Лимај, јави дописникот на МИА од Приштина.

На состанокот свикан за попладнево, според порталот „Газета Експрес“, се очекува да стане збор за таксата од 100 отсто што Владата на Харадинај ја воведе на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, а чие укинување или суспендирање го бараат Тачи и Весели, како и САД и Европската унија. Харадинај упорно се спротивставува на тие барања и одбива да ја укине таксата, по цена и да падне Владата.

На денешниот состанок кај парламетнарниот спикер се очекува да се разговара и за иднината на дијалогот меѓу Приштина и Белград, со оглед дека собранискиот тим за преговори со Србија, чиј копретседавач е Лимај, утре треба во Собранието да ја презентира платформата за натамошниот тек на овој процес.