Русија предолго го прекршуваше договорот за нуклеарното оружје без да биде казнета, реагираше Белата куќа

Русија предолго го крши Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ), соопшти денеска Белата куќа, откако американскиот државен секретар Мајк Помпео објави дека САД од утре ќе ја прекинат примената на тој договор. Во соопштението се наведува дека Русија предолго го прекршува ИНФ „без да биде казнета, тајно развивала и поставувала забранет ракетен систем, што претставува директна закана кон нашите сојузници и сили во странство“.

Американскиот претседател Доналд Трамп истакна во соопштението дека Америка „целосно го поддржувала“ договорот повеќе од 30 години.

„Но, ние нема да останеме ограничени со условите од договорот, додека Русија лажно ги претставува своите постапки. Не може да бидеме единствена земја во светот која е еднострано обврзана со тој договор или со било кој друг“, порача Трамп.

Во меѓувреме, НАТО соопшти дека „целосно го поддржува“ потегот на САД во врска со Договорот за нуклеарни сили со среден дострел, постигнат со Русија.