Народниот правобранител отвори предмет за случајот во Шуто Оризари

Народниот правобранител отвори предмет по добиените сознанија за настан во кој имало обиди за грабнување деца во општина Шуто Оризари, и дека полициски службеници биле претепани поради сомнение дека станува збор за грабнувачи, како што наведуваат граѓаните во таа општина, истакна денеска заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа. Таа посочи дека направиле увид во полициската станица и доставиле дописи до МВР.

Со реакција денеска се јави и Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски кој на прес конференција изрази жалење за инцидентот што се случи во Шуто Оризари. Тој побара од Внатрешната контрола на МВР да даде одговор што навистина се случило, а притворените Роми да бидат пуштени од притвор и да се бранат од слобода или да се стават во домашен притвор.

„Барам од МВР да распореди мобилна полициска станица во Шуто Оризари со 24-часовна активност, формирање на полициско одделение и создавање услови за отворање полициска станица во општината, која вели брои околу 30 илјади жители, изјави Ибраимовски.

Со реакција се јави и опозициската партија ВМРО ДПМНЕ.

„Состојбата во МВР целосно е надвор од контрола, а доказ за тоа е инцидентот во Шуто Оризари. Од јавноста се кријат и премолчуваат детали за учесниците и нивните мотиви, со што се отвора сомнеж дека повторно пресудна во целиот случај ќе биде политиката“, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.