Шест нови заболени од морбили

Пункт за вакцинирање „Бит пазар“

Во текот на вчерашниот ден на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се вкупно шест нови заболени од морбили, а уште тројца амбулантски се прегледани, со јасна клиничка слика на морбили (мали сипаници), информираат од Министерството за дравство. Ова е бран на новозаболени и здравствените работници очекуваат бројката да се зголемува.

„Епидемијата од морбили се шири во некои од градовите во внатрешноста на земјава. Во моментов, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има вкупно 24 пациенти со мали сипаници“, стои во соопштението на министерството во кое се додава дека заклучно со 13:00 часот вакцинирани се вкупно 4.345 деца со МРП вакцини.

Од ресорното министерство појаснуваат дека за да се спречи ширењето на епидемијата на морбили во Скопје, во сите Универзитетски Клиники донесена е одлука за ограничување на посета на пациентите, односно за забрана за посета на пациенти кои лежат на клиниките се до крајот на траењето на епидемијата. Потсетуваат и дека сѐ уште е на сила наредбата дека децата кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје.