Уапсен соработник на Трамп

Роџер Стоун

Роџер Стоун, сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, денеска беше уапсен по неколку кривични пријави поврзани со истрагата за Русија на специјалниот советник Роберт Милер.

Апсењето на Стоун следи откако тој вчера беше обвинет по седум точки.

Стоун, кој е долгогодишен соработник на Трамп, а беше и советник во неговата кампања, се соочува со обвинение за попречување на службена постапка, пет обвиненија за давање лажни изјави и едно обвинение за влијание врз сведоци, соопшти канцеларијата на Милер.

Тој, сепак, не е обвинет за координирање со руската влада за влијание врз изборите во 2016 година, што е клучен дел од истрагата, но ги опишува дискусиите на Стоун за украдените е-маилови од Демократската партија, објавени на Викиликс, во неделите пред Трамп да ја победи неговата демократска противкандидатка Хилари Клинтон на изборите во 2016 година.

Канцеларијата на Милер тврди дека е-маилот на шефот на кампањата на Клинтон, Џон Подеста, биле хакирани од руски разузнавачи.

Стоун денеска треба да биде изведен пред судот во Флорида.