Продолжува комисиската расправа во грчкиот парламент за Договорот од Преспа

Сесија на грчкиот парламент

Комисијата за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент денеска во 10.30 часот по локално време ја продолжува расправата за нацрт законот според кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Според најавите на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, Комисијата по завршувањето ќе изготви извештај, а потоа, утре и в четврток за нацрт законот ќе расправа Парламентот на пленарна седница, по што ќе следува и гласањето.

Процесот за ратификација на Договорот од Преспа започна вчера, а расправата на надлежната комисија траеше речиси пет и пол часа. Нешто пред 23 часот по локално време дискусијата беше прекината.

Пратениците ги повторија позициите на нивните партии, оние што се „за“, говореа за позитивните аспекти на Договорот, додека пак оние што се „против“ со свои аргументи го поддржаа овој нивни став, објаснувајќи зошто нема да гласаат за ратификација на договорот меѓу двете земји.