Масовни протести против новите закони за работни часови на Орбан

Повеќе илјади Унгарци денеска протестираа во Будимпешта против премиерот Виктор Орбан и неговите закони за прекувремени часови, кои досега неколкупати на улица ги принудија да излезат бројни унгарски работници, објавија новинските агенции. Марширајќи во центарот на Будимпешта со транспаренти со натпис „Доста ни е“, демонстрантите го вееа унгарското знаме и знамето на ЕУ.

„Во целост игнорираат тоа што сме рекле и што сакаме, а тоа многу ни пречи“, велат демонстрантите.

Владеачката партија на Орбан минатиот месец усвои закон со кој на работодавачите им се овозможува зголемување на бројот на прекувремени часови од 250 на 400, додека законскиот рок на исплата се продолжува на три години.