Грчката влада ја чека гласање за Договорот од Преспа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Грчката влада доби доверба, на ред е Договорот од Преспа

Премиерот на Грција Алексис Ципрас синоќа доби доверба во Парламентот откако владејачката коалиција што ја водеше беше разнишана поради Договорот од Преспа за ставање крај на долготрајниот спор околу името на Македонија.

„Драги колеги, имам чест да го објавам резултатот од гласањето. Вкупно гласаа 299 пратеници. 151 пратеник гласаа за доверба“, соопшти Јоргос Ваременос, потпретседател на грчкиот парламент наведувајќи дека 148 пратеници гласаа „против“ предлогот што го достави премиерот Алексис Ципрас.

Ваквото гласање во парламентот во кој има 300 пратеници и беше доволно на владата на 44 годишниот Ципрас за да преживее.

„Почитувани пратеници, дојдов тука, врз основа на принципите и вредностите на партијата што ја претставувам, да побарам јасни решенија, а не за трикови и полумерки. Дојдов отворено, со достоинство и јасност и почитувајќи го Парламентот и демократијата. Ве повикувам, со сето срце, ​да дадете доверба на владата​ која се бореше и успеа да ја изнесе земјата надвор од договорите за финансиска помош и од фискалниот надзор“.

За време на жестока расправа, Ципрас ја повтори оценката дека договорот со Македонија ќе ја зајакне стабилноста на Балканот.

Лидерот на малата грчка националистичка партија „Независни Грци“ Панос Каменос во минатиот викенд се повлече од функцијата министер за одбрана поради предложениот договор со Македонија.

„Бидејќи оваа процедура на гласање на доверба за владата на СИРИЗА е во основа погрешна, принудени сме да гласаме против истата влада што ја создадовме и ја поддржавме со искреност, јасност и одговорност“.

Видете и ова: Ципрас: ја добивме македонската вербална нота за Договорот од Преспа

Лидерот на главната опозициска партија Киријакос Мицотакис кој исто така се противи на Договорот од Преспа пак изјави дека на земјата и се неопохдни избори:

„Изборите се единственото решение за движење на земјата напред. Колку повеќе ќе продолжиме во оваа политичка темнина, толку повеќе нашата земја ќе тоне. Избори што е можно поскоро, за да може земјата да дише. Избори за Грците да си ја земат среќата во свои раце“.

И покрај победата, судбината на владата на Ципрас, и дали тој ќе го заврши својот четиригодишен мандат, кој завршува во септември е далеку од сигурна.

Премиерот сега се соочува со непосреден предизвик да го притисне парламентот за да го прифати Договор од Преспа.