Достапни линкови

НАТО членките работат врз македонскиот пристапен протокол


Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, разговарал со алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, по изјавата на грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, кој ја напушта владината коалиција.

Добив уверување дека грчката влада е посветена да ја заврши работата со Преспанскиот договор, изјави денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

По денешното повлекување на министерот за одбрана на Грција Панос Каменос од коалициската влада, и најавата на грчкиот премиер Алексис Циприс дека набргу ќе побара доверба од Парламентот, Димитров рече дека разговарал со алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос.

„Имав кратка коресподенција со мојот колега Катругалос и добив уверување дека Грција останува посветена на своите национални интереси, а тоа е да ја заврши работата со Договорот од Преспа. Мислам дека покорисно е да упатуваме порака дека е време двете држави кои се соседи и споделуват заеднички интереси да го направат овој исчекор кон блиско стратешко пријателство“, изјави министерот Димитров.

Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, откако македонското Собрание во петокот вечерта ги усвои уставните измени што произлегуваат од Договорот од Преспа. Шефот на дипломатијата Димитров нагласи дека го решивме нашиот најголем надворешно–политички проблем, што со децении нè влечеше наназад, додавајќи оти сега нема повеќе да бидеме дефинирани со нашиот статус како поранешна југословенска Република Македонија.

Посочи дека денес имаме заштитен идентитет и заштита на она што ѝ е најважно на земјата.

„Нас денес нè има со нашиот идентитет, заштитувајќи го она што ни е најважно и разграничувајќи ја нашата Македонија со останатиот географски регион што го има во други држави. Тоа значи го отвораме патот напред за иднината, имавме храброст да се соочиме со реалноста, да ја заокружиме државноста, да јa напраавиме постабилна и поизвесна иднината и да создадеме услови идните генерации да имаат подобар живот“, рече Димитров.

Тој истакна дека со ова решение го направивме она што одамна ни следуваше, обезбедивме членство во НАТО.

„Деновиве, согласно процедурите, ќе испратам писмо до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а земјите-членки интензивно работат за пристапниот протокол во однос на нас, изменување на Вашингтонскиот договор со 30 членка“, изјави Димитров.

Во однос на ЕУ, тој рече дека со оглед на тоа дека сме земја-кандидат од 2005 и толку многу препораки за почеток на преговори, време е да го фатиме возот и оти мора да се прилагодиме на контекстот во регионот, Европа и светот.

„Успеавме да докажеме дека во нашиот дел на Југоисточна Европа можеме да спроведуваме европски вредности на дело. Од соседите да си направиме пријатели, бидејќи не може да има ништо добро од тензии, неразбирање. Ќе има маки, но ќе биде полесно да се решаваат со овој чекор“, рече Димитров.

Министерката за одбрана Шекеринска рече дека за помалку од една година Македонија го промени впечатокот на надворешно-политички план, затоа што, како што рече, не калкулирале со лични и партиски интереси, и поради фактот дека Македонија нема децении за губење. Таа рече дека сега од Македонија се очекува да се насочи на реформите, социјалната сигурност, и економскиот раст, и оти по 12 години стагнација, овие реформи бараат и време и напор, и затоа Владата ќе ја насочи цела енергија кон реформските процеси.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шекеринска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ бараат избори, но се молат да не добијат.

Според Шекеринска, ВМРО-ДПМНЕ ја изнеле иницијативата веднаш по гласањето во Собранието за уставните измени за Преспанскиот договор со што сакале да ја сменат темата и да се заборави дека Македонија успеала да реши еден проблем.

„Сакаат помалку да ја сменат темата, бидејќи не им одговара. Темата покажува дека ако сакаш нешто да се реши ќе го решиш, ако сакаш да ја ослободиш државата од изолација ќе ја ослободиш, ако сакаш перспектива на своите граѓани ќе им понудиш отворени, а не затворени врати. На тоа се должеше иницијативата да се бараат избори, ама да се наоѓа начин како тие да не се случат. Сериозно ќе ја разгледаме иницијативата, има многу аргументи и во полза на една таква иницијатива“, рече Шекеринска.

На прашањето дали е прифатлива техничка Влада, како што стои во Договорот од Пржино и како што бара опозицијата, Шекеринска одговори дека ќе ги почитуваат законите.

Вицепремиерот Бујар Османи изјави дека ДУИ ќе имаат двојно подобри резултати ако има избори утре, но оти приоритет е да се заокружи членството во НАТО.

„Денеска исто така за партиските интереси, ДУИ два пати подобри резултати ќе има ако има избори утре, за разлика од 2016. Но, сепак прашањето за НАТО и ЕУ треба да се заокружи. Сметам дека сега целата политичка енергија треба да се фокусира на членството во НАТО и ЕУ и на имплементација 2019 да биде година на економијата“, изјави вицепремиерот Бујар Османи.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG