Македонска антикорупција, грчка доверба, руски закани...

МАКЕДОНИЈА - Предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси по скратена постапка влезе на дневен ред во Собрание. Речиси една година државата е без антикорупциска комисија, бидејќи власта и опозицијата не можеа да се усогласат околу текстот на законот.

РУСИЈА - Во интервју за белградските медиуми, а пред посетата на Србија, рускиот претседател Владимир Путин за Македонија изјави: Лани, со цел да се поттикне процесот на македонското пристапување кон НАТО, беше лансиран проект за да се воведат уставни измени и преименување на земјата, за да се преиспитаат основите на македонскиот национален идентитет, а волјата на македонските гласачи беше игнорирана, референдумот за преименување на земјата не успеа, но притисокот од надвор продолжува.

ТУРЦИЈА - Портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин изјави дека и покрај заканите од американскиот претседател Доналд Трамп, Турција сепак ќе ја дејствува против курдските Единици за народна одбрана во северниот дел на Сирија.

СРБИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин во Србија веќе има село, восочна фигура, ракија и неколку кафулиња со неговото име. Сега во српското село Банстол во негова чест се гради и црква.

САД - Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди на лошата финансиска ситиуација во ОН, оценувајќи дека таквата состојба не треба да продолжи.

КОСОВО - Во Северна Митровица беше одбележана првата годишнина од убиството на претседателот на партијата Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда и еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ.

ИРАН - Командантот на иранската Исламска револуционерна гарда, генерал мајор Мохамед Али Џафари изјави дека неговата земја нема да ја повлече својата војска и оружје од Сирија и покрај заканите од Израел.

РУСИЈА - Во експлозија на хемиска фабрика во Русија повредени се 4 лица. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко изјави дека во експлозијата била оштетена и зградата на фабриката Полипласт, која се наоѓа 140 километри југозападно од Санкт Петерсбург.

ГРЦИЈА - Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас го преживеа гласањето доверба и со 151 глас ЗА доби поддршка од парламентот.