Закани и предупредувања, предупредувања и закани...

МАКЕДОНИЈА - Oпозицијата може да ги бојкотира претстојните претседателски избори во мај доколку Собранието не изгласа предвремени парламентарни избори, изјавил за Алсат генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

ГРЦИЈА - Пратеникот од партијата Река, Спирос Данелис, по успешно изгласаните уставни измени во македонското Собрание и во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент, изјави дека сега Грција е на ред.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД економски ќе ја уништат Турција доколку Анкара ги нападне курдските сили во Сирија кои се потпомогнати од Вашингтон. Турција се закани дека ќе ги нападне овие американски сојузници кои се борат против Исламската држава.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Премиерката Тереза Меј, за време на дебатата за постигнатиот договор со ЕУ, изјави дека Велика Британија ќе ја напушти Европската унија на 29 март.

ИРАН - Ирански воен транспортен авион Боинг 707 се урна поради лошите временски услови западно од иранскиот главен град Техеран, при што загинале 15 од вкупно 16 луѓе што се наоѓале во леталото, соопшти иранската армија.

ПОЛСКА - Градоначалникот на полскиот град Гдањск Павел Адамович починал во болница по петчасовните обиди на лекарите да го спасат откако бил нападнат со нож за време на добротворен концерт, објавија полските медиуми. Напаѓачот веднаш бил уапсен. Според локалната полиција, станува збор за 27 годишен Полјак кој живеел во Гдањск. Се наведува дека тој бил криминалец кој претходно пет години бил во затвор.

САД - Заканата на американскиот претседател, Доналд Трамп дека економски ќе ја уништи Турција ако ги нападне курдските сили во Сирија, според американскиот државен секретар Мајк Помпео, нема да ги промени плановите за повлекувањето на војската на САД од Сирија, објави новинската агенција АП.