Измени, протести, гас и шпиони

МАКЕДОНИЈА - Специјалното јавно обвинителство треба да ја задржи својата независност, бидејќи се покажа како одлично решение и тоа не треба да се изедначи во рангот на Обвинителството за организиран криминал, рече министерката за правда Рената Дескоска.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот парламент ги усвои уставните амандмани со двотретинско мнозинство согласно Договорот од Преспа според кој Република Македонија ќе се преименува во Република Северна Македонија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на седницата по која од партијата изјавија дека не ги поддржуваат измените. За време на седницата пред Собранието се одржуваа протести против уставните измени.

САД / СИРИЈА - Портпаролот на воената коалиција предводена од САД во Сирија изјави дека почнал процесот на повлекување на војниците од земјата.

РОМАНИЈА / БЕЛГИЈА - Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека не може да има нови преговори за нацрт-договорот за Брегзит, додека ЕУ и британската премиерка Тереза Меј се обидуваат да најдат начин да избегнат излегување на Велика Британија од ЕУ без договор.

ГЕРМАНИЈА - Американски санкции против рускиот проект за гасоводот Северен тек 2 би биле погрешен начин за решавање на спорот околу снабдување со енергија, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

ПОЛСКА - Полската Агенција за внатрешна безбедност уапси поранешен кинески дипломат, а сега директор во полската филијала на компанијата Хуавие и еден свој поранешен агент – Полјак, под сомнение дека шпионирале во корист на Кина, за што им се заканува до 10 години затвор. Судот во Варшава им определи три месеци притвор.

БЕЛОРУСИЈА - Белорусија го укина долгогодишниот дозволен лимит за бројот на американски дипломати во земјата, објави американскиот магазин Форин полиси. До овој чекор доаѓа по неколкумесечниот засилен ангажман на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во Белорусија и се смета за дипломатски напредок во земјата, во време кога односите меѓу Минск и Москва се нарушени поради енергетскиот спор.