Германија се противи на американски санкции против „Северен тек 2“

Изградба на гасоводот „Северен тек 2“

Американски санкции против рускиот проект за гасоводот „Северен тек 2“ би биле погрешен начин за решавање на спорот околу снабдување со енергија, вели германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

„Прашањата за европската енергетска политика мора да се решаваат во Европа, а не во САД“, рече Мас во вчерашниот говор во Берлин.

Тој рече дека воведувањето еднострани санкции против „Северниот тек 2“ „сигурно не е начинот“.

Планираниот гасовод оди под Балтичкото Море, носејќи го рускиот гас директно во Западна Европа, заобиколувајќи ја на тој начин гасоводната мрежа во Украина.

Вашингтон се противи на проектот и смета дека тој е инструмент за Русија да го зацврсти своето влијание во Европа.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека добила уверување од рускиот претседател Владимир Путин дека ќе дозволи испорака на гас преку украинска територија.

Москва тврди дека 11 милијарди долари вредниот проект е чисто економски и не е насочен кон ниедна држава.

Односите меѓу Москва и Киев драматично се влошија по нелегалната руска анексија на Крим во март 2014. Москва исто така ги поддржува сепаратистите во војната во источна Украина, во која досега загинаа над 10 илјади луѓе.