Од Божик до Габон

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство соопшти дека досега се вакцинирани 1.102 деца и апелираат до сите родители да ги вакцинираат своите деца.

МАКЕДОНИЈА - Се надеваме во текот на оваа година и ние да се израдуваме како Автокефална црква, признаени од Вселенската Патријаршија и од останатите помесни православни цркви, изјави владиката Петар по чествувањето на Божик, еден од најголемите православни празници.

СУДАН - Вкупно 816 демонстранти се уапсени во Судан до почетокот на протестите на 19 декември поради поскапувањето на лебот, соопшти Министерството за внатрешни работи на Судан.

ИТАЛИЈА - Двајца потпретседатели на италијанската популистичка влада, Луиџи ди Маџо и Матео Салвини, го поддржаа граѓанското свижење Жолти елеци во Франција, кое од 17 ноември протестира против политиките на францускиот претседател Емануел Макрон.

РУСИЈА - Бебето, кое беше пронајдено живо од спасувачите во урнатините од срушената зграда во рускиот град Магнитогорск, се освести. Машкото беше поминало околу 35 часа во урнатините на температури под нулата, откако станбената зграда се урна, најверојатно по експлозија на гас.

ТУРЦИЈА - Шестмина членови на екипажот загинаа во бродолом на товарен брод, кој превезувал јаглен, во близина на турскиот брег во Црното Море, соопштија турските власти.

ГАБОН - Владата на Габон соопшти дека обидот за воен удар бил неуспешен и оти пучистите се уапсени. Група војници се обидоа да ја преземат власта, додека болниот претседател на земјата е во странство.

ГРЦИЈА - Грчката полиција притвори осум лица поради сомневање за фрлањето канта со црвена боја на влезот на паркингот на Американската амбасада во Атина. Одговорноста за инцидентот ја презеде грчката анархистичка група Рубикон.