Харадинај - Ние сакаме сеопфатен договор со Белград

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај посакува стабилност и мир во регионот и како што вели, посакува конечно сите земји да тргнат кон евроатланските интеграции. Тој вели дека односите меѓу Косово и Србија се обременети од поблиското минато. Но Косово има цел да постигне сеопфатен договор со Србија, вели Харадинај во интервју за МИА.

„Меѓу Белград и Приштина има долга листа на работи за кои мораме да се договориме: од воена отштета, сукцесијата, трговијата и политиката, правата на српската заедница која живее на Косово, верските и сите останати права… Се надевам дека и ние ќе успееме да преземеме некои добри одредби од Преспанскиот договор. Не би смеел, сепак, да кажам дека тоа е модел, бидејќи релациите меѓу Косово и Србија се поинакви. Односите меѓу нас и Србија се битни, ние сме заинтересирани да се договориме за да постигнеме мир засекогаш за народите на двете земји, како и со соседите, бидејќи мирот и помирувањето го помагаат економскиот развој“, вели Харадинај.

Тој во интервјуто зборува и за храброста на македонскиот и грчкиот премиер да го направат исчекорот со Преспанскиот договор и ја изразува својата убеденост дека доколку имплементацијата заврши во предвидените рокови, тоа ќе ги забрза и другите слични процеси за надминување на разликите во регионот, дополнително ќе го стабилизира и ќе придонесе за економскиот развој.