Од сипаниците до темната страна на Месечината

МАКЕДОНИЈА - Стапи на сила привремената мерка забрана за носење невакцинирани деца од МРП вакцината во градинки на подрачјето на Град Скопје. Забраната следи по прогласена епидемија од морбили на целото подрачје на градот. Од 19 декември, кога беше прогласена епидемија во скопската населба Радишани, досега, има 19 заболени, од кои 13 се докажани и шест сомнителни за кои се чека лабораториска потврда во текот на денешниот ден. Сите заболени се невакцинирани лица.

Меѓусебни обвинувања и пораки си упатија шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу и министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос. Министерот за надворешни работи на Турција наведе дека поради Каменос, кого го окарактеризира како разгалено дете, може да се случи несреќа во Егејското Море, на што одговори министерот за одбрана на Грција, порачувајќи му на Чавушоглу дека никој веќе не им се плаши.

ШПАНИЈА - Шпанската крајбрежна стража во првите два дена од оваа година спасила над 400 мигранти во Средоземното Море, соопштено е во Мадрид. Во Гибралтар, делот меѓу Африка и Шпанија, во текот на минатата година настрадале околу 770 мигранти. Тие скоро секојдневно се обидуваат да дојдат до Шпанија, главно со бродови и чамци.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека добил од лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун одлично писмо и оти веројатно наскоро повторно ќе се состане со него. Воспоставивме навистина многу добри односи. Веројатно ќе се состанеме, изјави Трамп, додавајќи дека не треба да се брза околу тоа. Трамп претходно на Твитер напиша дека едвај чекал да се состане со Ким Џонг Ун, бидејќи Северна Кореја поседувала одличен економски потенцијал.

ИТАЛИЈА - Вршителот на должноста амбасадор на Северна Кореја во Италија, Џо Сонг Гил од ноември се крие со својата жена. Ова им го соопштиле претставници на разузнавачката служба на јужнокорејските пратеници. Пребегувањето на припадник на севернокорејската елита би било големо понижување за лидерот на таа земја, Ким Џонг Ун, додека тој води преговори со Сеул и со Вашингтон и се обидува да се претстави како играч во меѓународната политика.

ИНДИЈА - Конзервативните хинду верници во знак на протест против влегувањето на две жени во едно од најголемите хиндуистички светилишта ги затворија дуќаните и фирмите и се судрија со полицијата во јужната индиска држава Керала. Паралелно, неколку милиони жени во Керала, пак, протестираа за родова еднаквост и против барањата на конзервативците.

КИНА - Кинеска вселенска сонда без екипаж слетала на темната страна на Месечината во истражна мисија. Со тоа Кина стана првата земја која има објект на далечната страна на Месечината.

САД - Демократската партија ја презема контролата врз Претставничкиот дом на американскиот Конгрес кој ја почнува 116 сесија. Ненси Пелоси која четири години беше спикер на Претставничкиот дом од 2007 година, ќе и се врати на таа функција која ќе ја извршува најмалку до избрите во 2020 година.