Протестите на хинду екстремистите ја парализираа државата

Протест на конзервативните хинду верници во Керала

Конзервативните хинду верници во знак на протест против влегувањето на две жени во едно од најголемите хиндуистички светилишта денеска ги затворија дуќаните и фирмите и се судрија со полицијата во јужната индиска држава Керала.

Влезот за жени од 10 до 50 години во храмот Сабаримала неформално беше забранет многу години, а забраната во 1972 година беше преточена во закон. Судот на државата Керала во 1991 година ја поддржа забраната, но Врховниот суд на Индија ја укина во 2018 година. Некои верници поднесоа жалба тврдејќи дека одлуката за укинување на забраната е спротивна со целибатот на божеството Ајапе.

Две жени се молеа во храмот вчера наутро. Тие беа под полициска заштита, зашто, според локалните функционери „владата има уставна обврска да ги штити жените“.

За време на протестите и судирите со полицијата биле повредени 39 полицајци. Локалните медиуми јавија дека еден 55-годишен човек вчера починал од повредите предизвикани од фрлен камен.

Неколку милиони жени во Керала, пак, протестираа за родова еднаквост и против барањата на конзервативците.