Солзавец и милиони

МАКЕДОНИЈА - Од почетокот на оваа година треба да профункционира и надворешниот механизам за контрола на полицијата или полицискиот правобранител (ветинг). Веќе е воспоставено такво одделение во Обвинителството за организиран криминал.

САД / МЕКСИКО - Американските власти фрлиле солзавец на територијата на Мексико за да ги растераат мигрантите кои се обиделе да ја пробијат граничната ограда кај мексиканскиот град Тихуана. Мигрантите изјавија дека до границата пристигнале во минатиот месец во караван од Хондурас. Американската агенција за заштита на границата соопшти дека цел на солзавецот биле оние што од мексиканска страна фрлале камења.

РУСИЈА - За два дена две трагедии го погогдија рускиот град Мгнитогорск. Откако се урна станбена зграда во експлозија на гас, ден подоцна експлодираше и минибус, при што загинаа три лица.

ДАНСКА - Шест луѓе денеска загинаа во железничка несреќа во Данска, соопштија данските железници. Медиумите во Данска објавија дека поради силниот ветар, покривот на композиција на товарен воз се откорнал и удрил во патнички воз кој наишол од спротивен правец патувајќи кон Копенхаген. До инцидентот дошло на мост меѓу централните острови Шеланд и Фин.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Полициската управа на Бања Лука му упати на Окружното јавно обвинителство кривични пријави против Давор Драгичевиќ и уште три лица поради сомневање дека извршиле кривично дело - загрозување на безбедноста.

БРАЗИЛ - Новоизбраниот претседател на Бразил Жаир Болсонаро стапи на функцијата со полагање заклетва во Бразилија во присуство на претставници од многу земји. 63 годишниот Болсонаро, поранешен капетан, го мина патот од маргинален и исмејуван конгресмен до лидер од кој повеќето Бразилци очекуваат да ги сузбие корупцијата и насилството.

СОМАЛИЈА - Сомалиската влада му нареди на пратеникот на ОН да ја напушти земјата, обвинувајќи го за намерно вмешување во внатрешните работи на Сомалија.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Еден Британец на лотарија освои џекпот од 115 милиони фунти, пренесува денеска Би би си. На националната лотарија во Велика Британија, човекот освоил точно 114.969.775,70 фунти. Ова е четврта најголема ваква добивка во историјата на Велика Британија.