Судот ги испратил барањата за амнестија за 27 април на мислење кај обвинителството

Демонстрантите влегоа во Собранието на 27 април 2017 и предизвикаа насилство

Основниот суд Скопје 1 соопшти дека барањата доставени до судот за амнестија на обвинетите за насилствата во македонското Собрание од 27 април лани, се испратени на мислење кај надлежното обвинителство.

„По добиеното мислење судот во законски утврдениот рок ќе донесе одлуки кои ќе бидат доставени до странките, а јавноста ќе биде благовремено информирана“, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.

До крајниот рок беа доставени 64 барања за амнестија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Насилства во Собранието

Во настаните од 27 април се инволвирани околу 70 лица, а вкупно 33 се обвинети во судскиот процес од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Претходно седум лица беа осудени на затворски казни од 10 до 13 години за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, а двајца беа осудени за насилство.

Апелациониот суд Скопје во јуни ги преиначи условните казни за девет лица за учество во толпа за време на настаните од 27 април минатата година, во казна ефективен затвор, а имаше осудени и за кривично дело „насилство“.

Законот за амнестија беше изгласан на 18 овој месец во македонското Собрание со 95 гласа „за“.

Согласно законот, амнестијата не ги опфаќа организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно член 324 од Кривичниот законик.