Грантови, трамваи и јапонски китоловци

МАКЕДОНИЈА - Сите 65 компании кои добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој тврдат дека во нивната сопственичка структура нема поврзаност со носител на јавна функција. Од Фондот ги охрабруваат компаниите да бидат креативни, конкурентни и извозно ориентирани.

МАКЕДОНИЈА - Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека наредната година ќе почне изградбата на трамвајска линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

ТУРЦИЈА - Австрискиот новинар Макс Цирнгаст е ослободен од затвор во Турција, но не смее да ја напушти земјата. 29-годишниот Цирнгаст беше уапсен во септември откако Турција го обвини заедно со уште две лица за членство во вооружена терористичка организација. Тие беа обвинети за поврзаност со Турската комунистичка партија. Доколку биде осуден, би можел да добие и до 10 години затвор. Австрискиот канцелар Себастијан Курц бараше Цирнгаст да биде ослободен.

АВГАНИСТАН - Авганистанската изборна комисија соопшти дека претседателските избори закажани за во април ќе бидат одложени за неколку месеци за да се решат техничките проблеми кои се појавија на парламентарните избори во октомври.

РУАНДА - Француските власти поради недостиг на докази ја прекинале повеќегодишната истрага за падот на авионот на претседателот на Руанда во 1994 година, кој беше повод за геноцидот во Руанда.

ЈАПОНИЈА - Јапонија ја соопшти одлуката за повлекување од Меѓународната комисија за лов на китови. Портпаролот на јапонската влада изјави дека неговата земја планира повторно да почне со лов на китови во комерцијални цели во јули наредната година.

СИРИЈА - Сириските државни медиуми пренесоа дека противвоздушната одбрана на таа земја одбила ракетен напад во близина на Дамаск. Притоа не се изнесени повеќе детали, ниту пак, кој го извршил нападот.