Русија за Трамп, Србија за Путин, Папата за љубов...

МАКЕДОНИЈА - По забраната на Ругање со Христос, и натаму продолжува голготата на режисерот Јани Бојаџи. По двомесечни подготовки на Ревизор од Гогољ во Велешкиот театар, нему и на неговите собеседници управата еднострано им се заблагодарила на соработката.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев му предложил на Собранието на РМ да ги разреши министрите без ресор, Аксел Ахмедовски, и Аднан Ќахил од функцијата. Заев на местото на Ахмедовски, за министер без ресор задолжен за имплементацијата на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите го предложи Музафер Бајрам. На местото пак на Аднан Ќахил, како министер без ресор задолжен за странски инвестиции, Заев го предложи Елвин Хасан.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за одбрана склучи договор за набавка на 14.000 комплети воено-теренска униформа за потребите на припадниците на АРМ, што е прва набавка на по два комплета униформи за секој припадник на армијата досега. 

МАКЕДОНИЈА - Од Град Скопје ја издале наредбата за отстранување на шаторите пред Собрание кои беа поставени од движењето Македонија блокира. Од Градот информираа дека шаторите се отстранети затоа што биле поставени илегално и дека она што е подигнато е третирано како отпад.

САД - Делумната блокада на сојузната Влада ќе трае се додека не се исполни моето барање за финансирање на изградбата на ѕид на границата со Мексико, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, по видео-конференцијата со американските војници во странство.

РУСИЈА - Се очекува рускиот претседател Владимир Путин наредниот месец да го посети Белград, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

ИЗРАЕЛ - Русија употребила десетици илјади ботови за на американските претседателски избори во 2016 година да го помогне изборот на тогашниот кандидат, а сега претседател на САД, Доналд Трамп, но не затоа што е тој голем пријател на Москва, туку затоа што тој најмногу одговарал за Москва да ја оствари својата цел, изјавил поранешниот шеф на израелската разузнавачка служба Мосад, Тамир Пардо, објави израелскиот портал Харец.

ВАТИКАН - Поглаварот на Римокатоличката црква папата Францис ги повика христијаните да се откажат од материјализмот за време на Божиќните празници и да се насочат на едноставност, добробит и љубов. Папата служеше миса на Бадник во црквата Свети Петар во Ватикан со што ја отвори неделата на богослужби. Тој изрази жалење што могу луѓе наоѓаат смисла во поседувањето работи. Католичкиот Божик го одбележаа милиони верници шурим светот.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА / РЕПУБЛИКА СРПСКА - Полицијата во Бања Лука го уапси таткото кој протестираше, барајќи одговорност за убиството на неговиот син. Полицијата на Република Српска соопшти дека Давор Драгичевиќ бил уапсен поради кривично дело загрозување на безбедноста на министерот за внатрешни работи Драган Лукач и на високиот полициски функционер Дарко Илиќ. Тој го обвинува нив двајца за убиството не неговиот син Давид.

АВГАНИСТАН - Во повеќечасовниот напад врз владина зграда во главниот град на Авганистан Кабул загинале 43 луѓе, a десетина биле ранети. Нападот почнал откако бомбаш самоубиец го активирал експлозивот во автомобил по што три вооружени лица со автоматски пушки влегле во зградата. Нападот траел над осум часови.