На секое дете му треба семејство

Секојдневно се зголемува потреба од згрижувачки семејства поради напуштање на стариот начин на згрижување на децата од најранливите категории во поголемите институции.

На секое дете му треба семејство е кампањата на Министерството за труд и социјална политика за анимирање на потенцијални згрижувачи на деца без соодветна родителска грижа, вели Александра Арсовска, раководител во Центарот за социјални работи во Куманово. Секојдневно се зголемува потреба од згрижувачки семејства поради напуштање на стариот начин на згрижување на децата од најранливите категории во поголемите институции. Арсовска појаснува дека малолетните деца остануваат без родителска грижа поради смрт на родители, како резултат на тешка болест на родителите, на нивно криминогено однесување или како резултат на несоодветни услови во кои што дечињата живеат.

„Затоа и сериозна е потребата од згрижувачки семејства. Во Куманово имаме девет и едно потенцијално згрижувачко семејство. Заинтересираноста се зголемува од ден на ден, затоа што има бенефити за згрижувачите. Тоа е надоместокот што го добиваат за детето, како и по навршување на одредена возраст од 65 години се стекнуваат со право на пензија доколку во континуитет од пет години имале згрижено дете. Најголем бенефит сепак е тоа што го добиваат дечињата зашто само тука можат да ја почувствуваат топлината на семејството“, вели таа.

Видете и ова: Случајот Тимјаник покажа дека ни треба време да пораснеме

Во дом семејство децата можат да останат до 18-годишна возраст, бидејќи потоа имаат законско право на домување, студирање, паричен надоместок. Арсовска појаснува дека ова е времена форма на згрижување, сè додека не се создадат услови во биолошкото семејство. Децата и родителите се во постојана комуникација доколку за тоа постојат можности, а стручните лица работат на создавање услови за враќање на децата во нивните семејства. По нивното враќање, стручниот надзор продолжува.

„Постојано се следи, дури имаме и надзор на држење на родителското право за да видиме како дечињата повторно се вклопуваат во нивната семејна средина. Некаде имаме успех, некаде не, затоа што не секој родител може да ги подобри капацитетите, особено оние коишто имаат ментални пореметувања, оние кои не се материјално и станбено обезбедени. Државата со новиот закон предвидува подобрување на условите за живеење на овие семејства кои се во социјален ризик“, вели таа.

Сузана Величковска пред осум години својот дом го отворила за десетина дечиња без соодветна родителска грижа. За љубовта и неизмерната хуманост што таа и нејзиниот сопруг им ги пружаат на децата годинава таа доби благодарница од градоначалникот на Општината Максим Димитриевски.

„И пак да бидам на некој почеток, пак би згрижила деца без родители или без родителска грижа. Во моето семејство досега беа згрижени десет дечиња од три до 15-годишна возраст. Возраста беше различна, ги згрижувавме согласно потребите, дечињата не ги биравме, кое дете и да имаше потреба од згрижување јас прифаќав. За шест се создадоа услови и се вратија во семејствата, сега имам згрижено две деца“, вели таа.

За контактите со децата откако ќе го напуштат домот на Величковски, Сузана вели дека на почетокот врската се одржува.

„Со текот на времето врските се прекинуваат“, вели таа.

Грижата за децата во дом семејство Величковски е добар пример како треба да функционира едно дом семејство. Со многу љубов, разбирање, грижа, воспитување, одличен успех на децата во училиштето, се трасира успешен животен пат на децата од тешката социјална категорија, велат од Центарот за социјални работи.