Достапни линкови

Згрижувачко семејство - хумана и одговорна работа


Сузана Величковска од Куманово се грижи за четири деца без родителска грижа.
Сузана Величковска од Куманово се грижи за четири деца без родителска грижа.

Во кумановско има само седум згрижувачки семејства во кои се сместени 12 дечиња без родителска грижа. Семејството Величковски се грижи за четири дечиња. Нивната желба е овие деца да завршат училиште и по ништо да не се разликуваат од децата кои живеат во сопствени семејства.

Детски џагор, насмевки,успешно завршени домашни задачи и петки, прекрасни цртежи, цврсти прегратки, топлина и многу љубов, но и многу тешки моменти, веќе шест години се секојдневие на згрижувачкото семејство на Сузана и Благоја Величковски од кумановската населба Карпош.

Овие дечиња доаѓаат од една друга средина. Тешко им е и на нив и на нас. Мојата желба е да завршат училиште и по ништо да не се разликуваат од децата кои живеат во сопствени семејства. Ништо да не им недостасува.
Сузана Величковска.

Баба и дедо, како што четирите дечиња од 13 до шестгодишна возраст ги нарекуваат, им пружаат сè што во своите биолошки семејства им недостасувало, од каде што на своите нежни плеќи понеле многу горчина, физички повреди и немир. Иако се мали од време на време тие со тага во очите се сеќаваат на родителите, а со нескриена веселост покажуваат и раскажуваат како бабата и дедото ги чуваат. И бабата и дедото заедно со децата го преживуваат тоа, но Сузана вели дека тие се нивната прекрасна сегашност, се надева и иднина. Се до оној ден кога децата ќе станат граѓани од прв ред, ќе станат добри и чесни луѓе.

„Ова се дечиња на кои треба да им се помогне, да се носат на лекар, да ги воспитуваш, да ги праќаш на училиште, да учиш со нив, на овие деца им треба сто отсто внимание. Повеќе отколку да се кај родителите, каде имаат и блиски роднини кои можат да помагаат. Кога ќе дојдат кај мене, сè е оставено на мене, на Центарот за социјални работи и на училиштето.“

Сузана додава дека целосно им е посветена на овие дечиња, дека тие за неа се центарот на светот.

„Врската што сме ја создале е многу силна, многу цврста и многу голема. И да се вратат кај родителите воопшто да не се грижат за мене, доволно е да дојдат да ме поздрават, да ме видат. За мене тоа е доволно. Доволно е да слушнам дека нешто успеале, постигнале резултати, не се вратиле на дното од каде што тргнале, имаат успех и одат напред.“

РСЕ: Ве слушаат ли?

„Многу ме слушаат. Задоволна сум од нив, немам зборови за овие дечиња. Се што тие преживуваат преживуваме и ние. Имаат видувања со родителите.“

Сузана, чевларски техничар ја напуштила работата за домот да си го исполни со дечиња. И, како што вели, дури сега нивното семејство е целосно.

„Ние сме 30 години во брак. Имавме голема желба, но не можевме да имаме дечиња, а кога создадовме услови за посвојување старосната граница ни беше помината и затоа преку Центарот за социјални работи се вклучивме во проектот да земеме дечиња кои се без родители или без родителска грижа. Да направиме дом-семејство.“

Во времето кога младите родители велат дека е тешко да се справат со сопствени деца, се наметнува прашањето како е кога некој ќе се одлучи да вдоми туѓи, згора на тоа и истрауматизирани деца кои во раното детство преживеале нешто што и на возрасен му предизвикува трпки и тага.

„Кога човекот има желба и волја, може да се успее. Овие дечиња доаѓаат од една друга средина. Тешко им е и на нив и на нас. Мојата желба е да завршат училиште и по ништо да не се разликуваат од децата кои живеат во сопствени семејства. Ништо да не им недостасува.“

Почетоците според Сузана се тешки, а оваа работа е хуманитарна.

„Почнуваме со љубов и со внимание, а потоа ако се на предучилишна или училишна возраст ги запишуваме на училиште. Морам да кажам дека нашето Основно училиште „Магдалена Антова“ најсоодветно постапува со овие деца. Директорот, педагогот и психологот помагаат децата што поскоро да се социјализираат, да завршат училиште и да станат граѓани од прв ред. Тие мораат да научат сами да се снаоѓаат во животот, оти нема кој да им помогне“, вели Сузана, додека децата внимателно ја слушаат и секоја нејзина емоција за нив ја наградуваат со прегратка и милување. А потоа додаваат дека кога се болни баба по цела ноќ бдее над нив, за секоја нивна петка на училиште или помош дома баба знае да ги пофали, да ги награди. Ги носи на театарски претстави, ги шета, одат на гости кај нејзини роднини и пријатели, па дури и на свадба.

Во кумановско за сега има само седум згрижувачки семејства во кои се сместени 12 дечиња, велат во Центарот за социјални работи во Куманово. Загрижувачка е бројката, но природата на оваа работа е тешка и многу одговорна и веројатно затоа луѓето не се зафаќаат и не се нафаќаат.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG