Руски контрамерки за Македонија, јајца за Еди Рама...

МАКЕДОНИЈА / РУСИЈА / ГРЦИЈА - Русија нема ништо против Договорот од Преспа за името, но се противи на членството на Македонија во НАТО, изјавил рускиот амбасадор во Грција, Андреј Маслов на брифинг во Атина во врска со посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Москва. Тој рекол дека ако Македонија влезе во НАТО, тогаш Русија ќе мора да одговори со контра-мерки.

МАКЕДОНИЈА - Новинарите кои го следат рочиштето за 27 април во Кривичниот суд во Скопје на паузата му понудија пари за изјава на обвинетиот пратеник Љубен Арнаудов, кој претходно рече дека изјава ќе даде за 50 евра. Когаму беа понудени пари, тој рече дека само сакал да се пошегува.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги повлекува американските војници од Сирија. Според него, тие успеале во својата мисија да ја поразат Исламската држава и оти веќе не биле потребни во таа земја. Ги тепавме силно, рече Трамп.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не треба да се потценува ризикот од нуклеарна војна и ги критикуваше САД за повлекување од договорите за вооружување. Зборувајќи на годишната прес-конференција, Путин рече дека се надева дека ќе надвладее здравиот разум, и покрај зголемените тензии меѓу Москва и Западот.

УКРАИНА - Украина планира повторно испраќање нејзини воени бродови во Азовско море, изјави секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност Олександар Турчинов.

ШПАНИЈА - Шпанската спасувачка служба соопшти дека во чамец кај јужниот брег на земјата пронашла 11 тела и спасила 33 мигранти. Меѓу преживеаните има 29 мажи и четири жени, сите од субсахарска Африка, изјави портпаролката на службата за новинската агенција Асошиејтед прес.

АЛБАНИЈА - Седницата на Парламентот на Албанија на кратко беше прекината откако пратеникот од опозициската Демократска партија Ендри Хаша го гаѓаше со јајца премиерот Еди Рама. Рама по инцидентот ја напушти собраниската седница. Фотографијата на која се гледа како Хаша го гаѓа Рама со јајца ја објави поранешниот албански премиер Сали Бериша со порака За присутните - тост и јајца.