Тереза Меј денеска на мини турнеја низ ЕУ

Британската премиерка Тереза Меј

Британската премиерка Тереза Меј денеска се среќава со европските лидери во обид за спасување на договорот за излез на нејзината земја од ЕУ. Таа треба да се сретне со холандскиот премиер Марк Руте во Хаг, од каде што ќе отпатува во Берлин, на разговори со германската канцеларка Ангела Меркел. Потоа се предвидени средби со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск и со шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во Брисел.

Меј вчера го одложи клучното гласање во британскиот парламент за договорот со ЕУ за условите за излегување од Унијата во март наредната година.

Јункер денеска пред Европскиот парламент во Стразбур рече дека „нема никаков простор за повторно преговарање“. Туск претходно рече дека „нема повторно преговарање“, но оти 27-те членки на ЕУ ќе разговараат како да помогнат Британија да го ратификува договорот.

Самитот на лидерите од ЕУ за Брегзит треба да се одржи в четврток во Брисел.

Засега не е закажано ново гласање за договорот со ЕУ во Британскиот парламент, но Меј рече дека крајниот рок е 21 јануари.